Германија директно побара од САД да не го санкционираат „Северен тек 2“

73

Германската влада побара од американските законодавци да не го санкционираат гасоводот „Северен тек 2“, тврдејќи дека тие ќе го „ослабат кредибилитетот“ на САД и „ќе го оштетат трансатлантското единство“, пишува порталот „Аксиос“.

Американскиот претседател Џозеф Бајден постојано изјавува дека се противи на изградба на гасовод што ќе ги поврзува Русија и Германија преку Балтичкото Море, но оваа пролет се откажа од воведувањето санкции за да избегне заострување на односите со најголемата европска економија. Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел постигнаа договор во јули со кој Германија се обврза на акција, вклучително и нови санкции на ниво на ЕУ, доколку Русија почне да ја користи својата енергетска политика како оружје против Украина и Европа.

Незадоволните републиканци во Сенатот сега бараат нови санкции против Русија и гасниот оператор, како амандман на годишниот закон за одбрана, за кој може да се гласа веќе оваа недела. Во обид да го убеди Конгресот, германската амбасада во Вашингтон детално опишала како (повторната) акција против Русија може да изгледа во „нон-пејпер“, што обично се користи во затворени дискусии на највисоко ниво за да се пренесат директни политички ставови.

Документот проследен на 19 ноември означен како „доверлив“ ги прикажува чекорите што Германија ќе ги преземе на национално ниво, вклучително и „силните јавни пораки“ кои го осудуваат однесувањето на Русија, „проценка“ на прекинот на идните политички состаноци и разгледување на „можни“ ограничувања за идните руски проекти за фосилни горива, не вклучувајќи го „Северен тек 2“.

Во документот се тврди дека „Северен тек 2“ во моментов не претставува „никаква закана за Украина се додека се обезбедува разумен транзит на гас“, а потенцијалните санкции за гасоводот се нарекуваат „победа на Путин“, бидејќи тоа би ги „поделило западните сојузници“.

Некои експерти велат дека ова веќе се случува, бидејќи Русија ја поттикна енергетската криза во Европа и сугерираше дека зголемувањето на цените на гасот може да се ублажи со забрзување на сертификацијата на „Северен тек 2“. Советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е „шокирана, тажна и збунета“ од напорите на Германија да го спаси „најопасниот геополитички проект на Русија“. Самиот Зеленски на Твитер ги повика сенаторите да поддржат санкции овој месец. Врвните функционери на Бајден, како што е енергетскиот пратеник Амос Хохштајн, кој претходно изјави дека Русија „се приближува“ до користење на енергијата за уценување на Европа, исто така лобираше кај демократите во Конгресот да не ги поддржат санкциите за да се избегнат затегнатите односи со Германија.

Последната цевка од гасоводот „Северен тек 2“ беше заварена во септември во Балтичкото Море, а следен чекор е поврзување на германскиот и данскиот крак, по што гасоводот би можел да биде пуштен во употреба. Проектот го спроведува „Nord strim 2 AG“ со единствен акционер – компанијата „Газпром“, чии финансиски партнери се компаниите „Еуропеан ројал Дач Шел“, „ОМВ“, „Анжи“, „Јунипер“ и „Винтершал“.