
Германската јавност и дел од политичкиот естаблишмент повторно го поставуваат прашањето за безбедноста на нивните златни резерви во странство, особено во Њујорк, бидејќи се сомневаат во веродостојноста на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација.
Федерацијата на германски даночни обврзници (BdSt) оваа недела побара од Бундесбанката и германското Министерство за финансии да го вратат златото од Соединетите Американски Држави, објавува Ројтерс.
„Трамп сака да ја контролира американската централна банка ФЕД, што значи дека може да се најде во позиција да влијае врз германските златни резерви што се таму. Тоа се наши пари и треба да се вратат дома“, рече потпретседателот на BdSt, Михаел Јегер.