Германија ги менува плановите: Автомобилите на бензин и дизел можеби нема да исчезнат во 2035 година!

Се бара олабавување на забраната за продажба на автомобили со SUS мотори.

Иднината на моторот со внатрешно согорување во Европа останува неизвесна. Иако забраната за регистрација на нови бензински и дизел возила од 2035 година е усвоена на ниво на ЕУ, германската влада сега планира да предложи значајни измени на оваа одлука во Брисел.

Дебатата за забраната се загрева
Одлуката за забрана е донесена како дел од Регулативата на ЕУ за граничните вредности на емисиите на CO2 и Германија не може самостојно да ја промени.

Сепак, планот е да се постигне договор со кој автомобили со хибриден погон или електрични автомобили со продолжувач на домет би можеле да се регистрираат по 2035 година. Станува збор за возила што работат главно на електрична енергија, но имаат и мал мотор со внатрешно согорување како помошен генератор.

Чисто бензинските и дизел моторите сè уште би биле опфатени со забраната, пишува најтиражното германско автомобилско списание „Ауто Билд“.

Мислењата во германската влада се поделени. Канцеларот Фридрих Мерц истакнува дека не смее да има „цврста граница во 2035 година“, додека многу социјалдемократи се противат на олеснувањето и сакаат да се држат до оригиналниот план.

Предупредувања доаѓаат и од автомобилската индустрија. Шефот на „Фолксваген“, Оливер Блуме, бара повеќе време за премин кон е-мобилност, тврдејќи дека претходните прогнози биле премногу оптимистички.

Одлуката паѓа во Брисел
Колку Германија ќе биде успешна со својот предлог ќе се одлучи на европско ниво.

Европската комисија моментално проверува дали и до кој степен ќе ги прилагоди граничните вредности за возните паркови, а дискусијата за ова би можела да започне веќе оваа година. Тогаш ќе биде јасно дали германскиот пристап ќе стане европски компромис.

Прашањето е: дали забраната за мотори со внатрешно согорување, која дозволува исклучоци, сè уште е вистинска забрана? Во суштина, не би била, бидејќи би се однесувала само на мотори без електрична помош.

Останува да се види што ќе остане од самиот термин „забрана“ по евентуалното олабавување. Во превод, благите хибриди стануваат реалност и фокус на сите производители.