Германија го олеснува патот до државјанство

37

Германската влада постигна договор за нов закон за државјанство што го олеснува процесот на натурализација. Во исто време, доделувањето државјанство во некои случаи ќе биде целосно исклучено.

Имено, лицата кои извршиле кривични дела мотивирани од антисемитизам, расизам или слични злосторства од омраза нема да можат да добијат пасош.

Новиот предлог закон за државјанство Министерството за внатрешни работи го подготви во договор со Министерството за правда, дознава dpa.

Дополнителен предуслов за натурализација ќе биде лицето генерално да може да заработува за себе и за своето семејство, без да му се плаќа социјална помош. Исклучоци ќе има и тие ќе се утврдат подоцна.

„Кој ќе стане германски државјанин, се обврзува на животот во нашето слободно и разновидно општество“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер. Затоа натурализацијата, додаде таа, е невозможна со расизам, антисемитизам или каков било друг облик на изразување омраза кон другите пренесува SeeBiz.

„Нема толеранција. Секој што не ги дели нашите вредности не може да стане Германец… Сакаме луѓето кои станаа дел од нашето општество да можат да учествуваат во неговото демократско формирање“, рече Фезер.

Основата на новиот закон е скратување на минималниот период на престој за прием во германско државјанство од осум на пет години. Во случаи на особено успешна интеграција во германското општество, само три години би требало да бидат доволни.