Германија губи популарност – кои земји се поатрактивни за работниците и претприемачите?

189

Меѓу развиените земји, Германија е само петнаесетта по привлечност за странски работници и претприемачи, се тврди во едно истражување. Земји како Нов Зеланд или Шведска се подобро рангирани.

Според резултатите од таа студија, Германија ја губи популарноста во конкуренција за квалификувани работници и основачи на компании. Според проценката на фондацијата Бертелсман, Германија од 2019 година падна од 12 на 15 место во конкуренција меѓу 38-те земји-членки на Организацијата за економска соработка и развој, пишува Дојче веле.

Студијата ги проценила деловните можности на имигрантите, приходите и даноците, можностите за членовите на семејството или пак, добивањето виза.

Кои земји се особено атрактивни?

Според овој индекс, најатрактивни земји за висококвалификувани експерти се Нов Зеланд, Шведска, Швајцарија, Австралија и Норвешка. Од 2019 година и последната евалуација на податоците, условите во Германија не се влошени, но се подобрија во другите земји, со што ја престигнаа Германија во рангирањето.

За претприемачите, според овие податоци, на врвот на листата се Шведска, Швајцарија, Канада, Норвешка и Нов Зеланд. Во тој сегмент Германија падна од 6-то на 13-то место.

Како главен проблем се наведува бавната дигитализација. Германија, за разлика од другите земји, исто така бара поседување на минимален капитал. Покрај тоа, во Германија помалку е изразено прифаќањето на мигранти.

Во 2023 година за прв пат во рамките на индексот на Организацијата за економска соработка и развој беа испитани рамковните услови за основачите на компании (старт ап). Во тој сегмент најатрактивни се Канада, САД, Франција, Велика Британија и Ирска. Германија ја зазеде дванаесеттата позиција во таа категорија.

Авторите на студијата како причини за ваквата проценка наведуваат помалку можности за напредување во кариерата, премалку иноватори и недостаток на прилагодени визи.

Германските универзитети меѓу најатрактивните

„На Германија ѝ требаат квалификувани работници, вклучително и оние од странство, за да се обезбеди одржување на нејзиниот сегашен просперитет“, вели Ралф Хек, извршен директор на фондацијата Бертелсман, за резултатите од студијата.„Меѓународната споредба јасно покажува што треба да направи Германија за да биде уште подобра миграцијата на квалификувани работници, која е толку важна за нашата земја, додава Хек.

Германија, пак, многу добро котира во областа на високото образование. Според резултатите од студијата, според атрактивноста за студентите од целиот свет, Германија е на второто место, зад САД.