Германија и ЕК постигнаа договор за мотори со внатрешно согорување

92

Германската влада постигна договор со Европската комисија во спорот околу забраната за производство на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, соопштија во саботата претставници од двете страни.
„Постигнавме договор со Германија во врска со идната употреба на е-гориво во автомобилите“, напиша на Твитер потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.

„Сега ќе соработуваме за брзо усвојување на стандардите за јаглерод диоксид за регулирање на автомобилите, а Комисијата потоа брзо ќе ги преземе потребните правни чекори“, додаде тој.

Спорот меѓу Берлин и Брисел околу договореното постепено укинување на ваквите автомобили се фокусираше на тоа дали производителите и понатаму ќе можат да произведуваат возила што ќе користат т.н. е-горива по 2035 година.

Германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг, кој се заложи за промена, напиша дека „возилата со мотори со внатрешно согорување сè уште може да се пререгистрираат по 2035 година доколку се полнат исклучиво со CO2 неутрални горива.

„Европа останува технолошки неутрална“, заклучи тој.

Фото: Pixabay