Германија: Индустријата очекува загуби до една милијарда евра поради штрајкот на машиновозачите

20

Германската индустрија очекува штрајкот на машиновозачите да предизвика големи проблеми за компаниите, вклучувајќи го и товарниот сообраќај.
Шестдневниот прекин на работата се заканува со сериозни ограничувања, дури и со суспензија на производството во одредени сектори, изјави за ДПА Тања Генер  генерален директор на Сојузната асоцијација на германската индустрија (БДИ).

„Не е нереално да се очекуваат загуби до една милијарда евра“, додаде таа.

Покрај оперативните и економските, големи се штети и на имиџот на железницата како вид на транспорт, рече Генер.

„Сомнежите за доверливоста на железничката инфраструктура продолжуваат да растат“, дури и во логистичкиот сектор.

Синдикатот на германските машиновозачи (GDL) повика на штрајк до понеделник поради спорот со германските железници (Дојче бан – ДБ).

Железничкиот товарен транспорт е „рбетот“, рече Генер, на голем број клучни индустрии како што се хемиската, челичната, автомобилската, хартијата и дрвото.

Според неа, штрајкот значително ќе влијае на поврзувањето и снабдувањето на производствените капацитети, како и на логистиката што се потпира на железницата, на пример транспортот на опасни материи.

Спорот меѓу синдикатот и Германските железници мора брзо да се реши, рече таа.

Пред суспензијата на машиновозачите, товарниот железнички сообраќај само што почнуваше да закрепнува од проблемите предизвикани од невремето.