Германија испадна од СП, но Адидас не губи надеж: Смета на уште три тима и 400 милиони евра

82

Германскиот производител на спортска опрема, Адидас, на Светското првенство во Катар „остана“ само на три од седумте спонзорирани селекции.

Сепак, гигантот останува доследен на прогнозите за продажба за време на турнирот, барем според портпаролот, кој зборуваше по елиминацијата на германската репрезентација од натпреварувањето.

„Адидас“ сепак очекува продажба од околу 400 милиони евра, поврзана со СП 2022 година и додава дека во моментов продажбата е поголема од онаа во 2018 година во Русија.

Сепак, германското здружение на трговци на мало, HDE, не го дели тој оптимизам. „Интересот на навивачите брзо опаѓа без германските момци“, велат тие.

– Искуството покажува дека интересот на навивачите за облека и други предмети поврзани со Светското првенство брзо опаѓа без германскиот тим – вели Стефан Хертел.

Инаку, Германија е четирикратен светски шампион, а потсетуваме дека испадна од Мундијалот и покрај победата над Костарика, во последниот натпревар од групата Е.

Тоа е втора последователна елиминација на Германија во групната фаза од натпреварувањето, откако на ист начин беа поразени во 2018 година. Фудбалските дресови на германската репрезентација сега се продаваат со попуст од 50 проценти на веб-страницата на Адидас.

Но, Адидас го носат и фудбалерите од Шпанија, Аргентина и Јапонија, земји кои се уште се натпреваруваат на Светското првенство во Катар. Според тоа, се чини дека германскиот гигант се уште има на што да се надева.

Инаку, оваа компанија е еден од седумте светски партнери на ФИФА.