Германија ја губи економската моќ

75

Германија ја губи својата економска моќ, меѓу другото, затоа што има проблем со стареењето на општеството и недоволен број работници.

Истовремено, напуштањето на гасот, нафтата и јагленот влијаеше на растот на цените на енергијата, беше објавено  вчера по истражување на Универзитетот во Минхен.

Се наведува дека наместо најавената рецесија, се очекува мал економски раст од 0,3 отсто, бидејќи зимата беше блага, а потрошувачката на енергија помала од очекуваната, објави Дојче веле.

„Економскиот пад во зимската половина на 2022/23 година беше веројатно помал отколку што се стравуваше во есента“, рече Тимо Волмершаузер, професор на Институтот за економски истражувања Ифо на Универзитетот во Минхен.

Институтот Ифо припаѓа на група од четири водечки германски економски истражувачки институти кои двапати годишно подготвуваат прогноза за економскиот развој за владата, а оваа пролет им се придружи и истражувачки институт од Австрија. Нивните предвидувања се важни за проценка на даноците, а со тоа и за креирање на федералниот буџет. Волмершаузер забележува дека индустријата има многу нарачки, иако општите услови не се поволни за бизнис.

„Постојаните проблеми со испораката на полупроизводи, екстремните скокови на цените на енергијата и недостигот на работници ги намалија производните можности на германската економија и спречија посилен раст на бруто домашниот производ“, набројува професорот од Минхен.

За 2024 година експертите очекуваат раст од 1,5 отсто, но сепак ова е прилично неизвесна проценка, бидејќи има многу непознати и додаваат дека геополитичките тензии или ниските температури во секој момент можат да предизвикаат повторно раст на цените.

„Опасноста од недостиг на гас следната зима сè уште постои“, вели Волмершаузер.

Вели дека среднорочните прогнози не се розови.

„Според нашите проценки, просечната стапка на раст на германската економија ќе биде само околу половина процент на крајот на деценијата“, најавува професорот.