Германија ќе дозволи влез за сезонските работници во април и мај

397

Германија ќе им овозможи на странските работници да влезат за да помогнат во бербата овошје и зеленчук на фармите.

Германското Министерство за земјоделство соопшти дека постигнале договор со Министерството за внатрешни работи да дозволат влез за 40.000 сезонски работници во април и уште 40.000 во мај.

“Работниците треба да пристигнат со авион за да се заштитат од заканата од коронавирус“, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство.

Дополнителен пакет на услови вклучува дека сезонските работници мора да поминат лекарски преглед и да се оддалечуваат едни од други за време на работата.

“Ова е добра вест за нашите земјоделци. Ни жетвата ни сеидбата не чекаат“, изјави германската министерка за земјоделство Јулија Клокнер, пренесува Financial Times.

Хорст Зехофер, германскиот министер за внатрешни работи, кажа дека државата и економијата мора да продолжат и покрај пандемијата и дека е најдено решение кое ќе обезбеди жетва, но истовремено ќе продолжи да го штити здравјето на населението.

Според новата одредба, германските фарми ќе можат во април и мај да доведат вкупно 80.000 работници. Дополнително владата бара фармите да вработат уште 20.000 работници кои се во моментов невработени во Германија, кои се студенти или баратели на азил. Се проценува дека на земјоделците во следните месеци ќе им бидат потребни најмалку 100.000 дополнителни работници.

Повеќето сезонски работници доаѓаат од истокот на ЕУ, вклучувајќи ги Полска, Романија и Бугарија.

Бидејќи шенгенската зона е официјално затворена за странците барем до средината на април, голем број емигранти нема да можат да допатуваат во избраните земји на работните места кои ги планирале за пролет и лето.

Земјите како Франција, Британија и Шпанија планираат во земјоделскиот сектор да вклучат што е можно повеќе домашни работници. Француската влада постави интернет страница на која со земјоделците се поврзуваат работници кои неодамна добиле отказ во туристичкиот сектор. Но допрва треба да се види дали ќе има доволно домашни работници за сѐ што е потребно.

Фото: Pixabay