Германија ќе го национализира најголемиот увозник на гас

33

Германската Влада ќе стане мнозински акционер во најголемиот германски увозник на гас Унипер, во обид да се справи со енергетската криза предизвикана од одлуката на Русија да ги прекине сите испораки на гас.

По завршувањето на зголемувањето на капиталот и преземањето на акциите од страна на Унипер од Фортум – претходниот мнозински акционер во Унипер, германската Влада ќе поседува околу 98,5 отсто од Унипер, соопшти денеска Фортум.

Како што пренесе ДПА, Унипер е погоден од неодамнешните нарушувања на енергетскиот пазар откако Русија го прекина снабдувањето со гас за Германија преку својот гасовод Северен тек 1, тврдејќи дека е потребно одржување, но не може да се реализира поради западните санкции.

Како резултат на тоа, Унипер се соочува со сериозни финансиски проблеми, бидејќи неговите клиенти сè уште очекуваат гориво, дури и ако руското снабдување запре. Затоа, Унипер мораше да потроши многу повеќе од планираното за купување гас на отворениот пазар за да ги исполни своите договорни обврски.

Унипер веќе доби поддршка од германската држава, но ситуацијата сега се влоши до тој степен што беше неопходен владин пакет за спас за да се осигура дека компанијата ќе може да опстане.