Германија мора да ја намали потрошувачката на гас најмногу од сите земји-членки на ЕУ

55

Кризата со снабдување со гас поради украинската војна ги погодува повеќето земји од Европската унија (ЕУ), но најмногу Германија. Имено, таа мора да ја намали потрошувачката на гас повеќе од која било друга членка за да ја исполни заедничката цел да заштеди 15 проценти.

Според пресметката на агенцијата ДПА врз основа на податоците на Европската комисија, Германија од почетокот на август до март ќе мора да ја намали потрошувачката на гас за 10 милијарди кубни метри.

Тие 10 милијарди кубни метри гас се околу 100 милијарди киловат часови. Просечното германско домаќинство годишно троши околу 20.000 киловат часови, што значи дека заштедите одговараат на просечната годишна потрошувачка на пет милиони домаќинства со четири лица.

Најголемата европска економија треба да заштеди повеќе од другите поради релативно високата потрошувачка на гас. Следува Италија, со потребните заштеди од нешто повеќе од осум милијарди кубни метри до март следната година, па Франција и Холандија со по пет милијарди.

Севкупно, ЕУ има намера да ја намали потрошувачката на гас за околу 45 милијарди кубни метри во планираниот период. Затоа, речиси четвртина од тоа паѓа на Германија, пишува агенцијата ДПА.