Германија планира рекордно задолжување од околу 140 милијарди евра

92

Германија годинава планира рекордно задолжување од околу 140 милијарди евра, што е резултат на финалните преговори во буџетската комисија на Бундестагот.

Германскиот буџет за тековната година предвидува расходи од околу 495,79 милијарди евра – нешто повеќе од планираното министерот за финансии Кристијан Линднер.

Бундестагот ќе го усвои новиот буџет во неделата од 30 мај до 3 јуни.

Предлог-буџетот предвидува 705 милиони евра повеќе инвестиции, како и 11,9 милијарди евра расходи, но во буџетот останува предложеното ново задолжување од 138,94 милијарди евра, бидејќи се очекуваат многу повеќе приходи од лани.

Преговорите за буџетот беа обележани со големи глобални кризи – изјавија Денис Роде, Свен-Кристијан Киндлер и Ото Фрик, тимот на владејачката коалиција. Посочија дека резултатот од преговорите создава безбедност во време на криза, како во светот, така и во Германија.

„Инвестираме во инфраструктурата, ја штитиме климата, ја поддржуваме средната класа, ја охрабруваме науката, иновациите и социјалната кохезија. Покрај тоа, ја зајакнуваме безбедносната, надворешната и развојната политика“, нагласија СПД, ФДП и Зелените.

Со новиот буџет, владејачката коалиција ги укинува сите финансиски средства за канцеларијата и соработниците на поранешниот канцелар Герхард Шредер.

Ова беше решено под образложение на неговите блиски контакти со Русија и пред се со претседателот на Русија Владимир Путин. Понатаму, во буџетот се предвидени олеснувања за домаќинствата, како парно и еднократна помош за семејствата со деца.

Зголемен е износот кој е ослободен од данок за сите даночни обврзници, а дополнително е намален и данокот за енергија за три месеци. Исто така, донесен е пакет мерки за помош на стопанството.