
Германија ги продаде акциите на Deutsche Telekom AG за 2,5 милијарди евра, што е последната во низата продажба на државни удели во компании преку кои Германија се обидува да собере средства, пренесува Блумберг Адриа.
Германската државна банка KfW нуди 110 милиони акции на институционални инвеститори, соопшти заемодавачот доцна во понеделникот. По продажбата, уделот на KfW и на владата ќе биде 27,8 отсто, а ќе се зголеми и бројот на акции во слободен промет.
Министерството за финансии соопшти дека средствата ќе бидат наменети за докапитализација на железничката компанија Deutsche Bahn AG и за изградба на железничка инфраструктура.
Благодарение на расположението на пазарот на капитал, продажбата беше успешно завршена“, велат од министерството.
Канцеларот Олаф Шолц и неговата коалиција се обидуваат да обезбедат буџетски средства, откако Врховниот суд минатата година ја укина мерката за финансирање на која владата се потпираше во претходните години.
Берлин се обидува да најде мерки за штедење кои нема да го загрозат излезот од економската стагнација или модернизацијата на армијата, која долго време беше запоставена.
Последната продажба е дел од стратегијата што министерството ја нарекува „одговорна приватизација“.
Deutsche Bahn моментално прифаќа понуди за својот логистички оддел DB Schenker, кој планира да го продаде за да собере повеќе од 15 милијарди евра, изјавија за Bloomberg извори запознаени со плановите. На почетокот на оваа година, KfW собра 2,2 милијарди евра преку продажба на акции во поштата (Deutsche Post AG).
Понудите за Deutsche Telekom беа затворени во понеделник, а трансакциите најверојатно ќе бидат затворени во четврток.
KfW и понатаму ќе остане најголем акционер во компанијата. Околу три недели пред продажбата, компанијата објави добри резултати за првиот квартал. Добриот резултат главно се должи на зголемувањето на продажбата во Германија и САД.
Вредноста на акциите оваа година скокна за 4,1 отсто, а KfW веќе продаде 22,4 милиони акции во вториот квартал.











