Германија размислува за зголемување на возраста за пензионирање на 70 години

Возраста за пензионирање во Германија ќе мора да се зголеми од сегашните 67 на 70 години, изјави лидерот на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ, Јенс Шпан.

Шпан рече дека сегашниот систем за пензионирање на 67 години ќе биде целосно воведен до 2030/31 година, но дека нема да застане тука, бидејќи, како што изјави, со подолгиот животен век на населението, мора да се продолжи и работниот век.

„Ако сакаме да го зачуваме обемот на социјалните бенефиции без да ги преоптоваруваме идните генерации, ќе мора да работиме подолго“, додаде тој.

Шпан истакна дека во текот на триесеттите години, возраста за пензионирање постепено ќе се зголемува, прво од година во година, а потоа од месец во месец, објавува „Велт“.

Тој изјави дека сега не е вистинско време за политичка дискусија за конкретни промени, но истакна дека јавноста „мора да ја чуе вистината за одржливоста на системот“.