Германската економија годинава повторно ќе ја заврши во минус

Германската економија ќе продолжи да опаѓа на крајот на 2025 година бидејќи нејзиниот бруто домашен производ ќе се намали за 0,1 отсто, се вели во објавената прогноза на германското индустриско здружение BDI.

Економската ситуација во Германија е многу сериозна, особено во индустријата, изјави претседателот на БДИ, Петер Лајбингер, пренесува Ројтерс.

Доколку се остварат мрачните предвидувања, Германија би завршила со трета последователна година на пад на БДП, што би било прв ваков негативен циклус од обединувањето на Германија во 1990 година.

Повеќето аналитичари се нешто пооптимисти, со средна прогноза за германскиот економски раст во 2025 година од 0,4 отсто.

Бундесбанката предвидува дека германската економија ќе порасне за само 0,2 отсто оваа година и предупредува дека е можна нова контракција доколку американскиот претседател Доналд Трамп ги спроведе најавените царини за увоз на стоки во САД.

Петер Лајбнигер нагласи дека следната германска влада, која ќе биде формирана по парламентарните избори на 23 февруари, мора да спроведе реформи и да ги поттикне инвестициите.

– На компаниите им требаат навремени сигнали за олеснување и решителен план за поголем раст. Опсегот на финансиите е ограничен, затоа во буџетот мора да се постават јасни приоритети кои ја стимулираат економијата – додаде Лајбнигер.

Според него, неопходни се јавни инвестиции во модерна инфраструктура, како и во трансформација и издржливост на германската економија.