Германската индустрија очекува економска стагнација во 2023 година

Германската економија годинава ќе стагнира поради високата инфлација и зголемените трошоци за позајмување кои ќе тежат на личната потрошувачка и градежниот сектор, прогнозира Германската асоцијација на индустријата (BDI).

– Во рецесија сме. Во 2023 година, BDI очекува бруто домашниот производ (БДП) да остане повеќе или помалку на минатогодишното ниво. Забележливо закрепнување треба да следи дури следната година – изјави претседателот на BDI  Зигфрид Русвурм.

Компаниите повеќе инвестираат во опрема и патенти, а надворешната трговија ќе биде столбот на економијата, оценува BDI , оценувајќи дека извозот на стоки и услуги годинава ќе порасне за два отсто. Реално, увозот треба да стагнира поради падот на цените на енергијата и суровините.

– Ахиловата пета на економијата ќе биде личната потрошувачка, бидејќи потрошувачите се притиснати од високата инфлација и падот на реалните плати, посочуваат, со исклучок на градежната индустрија, поради зголемените каматни стапки и високите материјални трошоци.

– Германија е соочена со многу големи предизвици. Политичарите мора систематски да пристапат кон прашањето за структурните реформи – рече Русвурм, повикувајќи на подобри даночни рамки за инвестиции, побрзи процедури за планирање и добивање одобренија.

Тој нагласи дека многу претприемачи го губат трпението и ги мачи несигурноста.

Шефот на BDI се осврна и на бизнисот во Кина по пораките од владата дека германските компании треба да ја намалат зависноста од азискиот гигант и да почнат да бараат нови пазари во Азија.

Владата под водство на канцеларот Олаф Шолц работи на стратешки документ за Кина кој ќе биде објавен до крајот на годината.

Министерот за економија Роберт Хабек во март навести дека тие би можеле да го ограничат извозот во Кина за да ја заштитат предноста на Германија во технологијата.

– Оддалечувањето од Кина би било нереално и штетно – велат од здружението.