
Германскиот извоз ќе стагнира оваа година, соопшти во вторник Германската стопанска комора, ревидирајќи ја претходната прогноза за благ раст, бидејќи компаниите од најголемата европска економија се справуваат со нарушувања во синџирите на снабдување и неизвесноста околу војната на Блискиот Исток.
Анкетата на комората за прогнозите за светскиот бизнис, во која учествуваа 4.500 германски компании што работат во странство, покажа дека 46 проценти сметаат дека високите цени на енергијата се клучен ризик за бизнисот, што е двојно повеќе отколку во есента 2025 година.
Како клучен ризик за бизнисот, 40 проценти ги наведоа прекините во синџирите на снабдување, додека 37 проценти од компаниите ги наведоа цените на суровините, покажа анкетата на DIHK.
Раководителите на компаниите, исто така, изразија поголем песимизам кога станува збор за среднорочните прогнози, при што 32 проценти од анкетираните очекуваат економските услови да се влошат во наредните 12 месеци поради нарушувањата во глобалните синџири на снабдување поради војната во Иран. Во однос на претходната анкета на DIHK, спроведена пред почетокот на американско-израелската војна во Иран, бројката е зголемена за осум процентни поени.
„Не станува збор само за забавување на економијата. Неизвесноста станува одлучувачки фактор“, рече Трир.
Сепак, влијанието на зависноста на германските компании што работат во странство од увозот на нафта и гас од земјите од Персискиот Залив зависи од нивната географска локација, објаснија авторите на анкетата. Компаниите што се наоѓаат најблиску до зоната на конфликтот и оние во Азиско-пацифичкиот регион, со исклучок на Кина, генерално ги гледаат наредните месеци со скептицизам.
Од друга страна, компаниите што работат во Кина, САД и членовите на Јужноамериканскиот Меркосур останаа релативно оптимисти, покажа истражувањето.












