Германски Фрапорт ќе оперира со 14 грчки аеродроми

27

fraport

Германската компанија Фрапорт доби зелено светло да оперира со неколку регионални аеродроми во Грција. По скоро половина година неизвесност поради случувањата во Грција и стопирањето на процесот на приватизација, Фрапорт вчера официјално доби дозвола да оперира со 14 регионални грчки аеродроми, пишува Дојче веле.

На крајот на минатата година, Фрапорт и неговиот грчки партнер Copelouzos беа именувани како главен конзорциум понудувач за да работат со аеродромите, но трансакцијата беше стопирана, откако владата на Алексис Ципрас ја презеде власта во јануари.

Претходно медиумите јавуваа дека договорот е со вредност од 1,2 милијарди евра и се однесува на ставање под концесија на 40 години на аеродромите, меѓу кои солунскиот и оние на популарните туристички дестинации Крф, Родос, Миконос и Санторини.

Минатата година операторот Фрапорт го купи Аеродром Љубљана за 234 милиони евра. Фрапорт оперира со аеродромот во Франкфурт, третиот најголем аеродром во Европа и со аеродроми во уште 12 градови.