Германски милионери префрлаат имот во Швајцарија

139

Евентуалното свртување кон лево на изборите во Германија ги потикна милионерите да го преместат својот имот во Швајцарија, велат банкарите и даночните адвокати.

Доколку на власт дојдат левоцентристичките Социјалдемократи (СПД), екстремно-левата Левичарска партија и еколошките Зелени, повторно воведување на данокот на богатство и зголемување на данокот на наследство би можело да биде на политичката агенда.

“Претприемачките семејства се многу вознемирени“, изјави за Ројтерс даночен адвокат од Германија, кој е ангажиран во бројни швајцарски операции.

Овој потег покажува колку богатите луѓе се уште ја гледаат Швајцарија како атрактивно место за чување богатство, и покрај нејзините напори да се ослободи од имиџот на безбедно засолниште за милијардерите, наведува британската агенција.

Ниту една земја нема повеќе офшор средства од Швајцарија, а приливот се забрза во 2020 година, во корист на банките како што се UBS, Credit Suisse и Julisu Baer. Геополитичките тензии и стравот од економските последици од пандемијата Ковид-19 ја направија атрактивна политички стабилната Швајцарија.

Депозитите на германските домаќинства и компании во банките во Швајцарија пораснаа за речиси пет милијарди долари, на 37,5 милијарди, во првиот квартал од 2021 година, и тоа не вклучува акции, обврзници или финансиски производи, наведува Ројтерс.

“Многу богати луѓе, особено претприемачи, се плашат дека ќе има пресврт кон лево, без оглед на исходот на изборите“, рече Флоријан Дрезелен од швајцарската LGT банка.

Познат швајцарски банкар рече: “Познавам некои германски претприемачи кои сакаат да имаат засолниште надвор од Германија, ако ситуацијата таму стане премногу црвена (левичарска)“.