Германски производител на оружје гради фабрика за артилериски гранати во Литванија

18

Германскиот производител на оружје Рајнметал планира да изгради нова фабрика во Литванија за производство на артилериски гранати од 155 милиметри. Германскиот производител на муниција и владата на балтичката држава, која е членка на ЕУ и НАТО, во вторникот потпишаа меморандум за разбирање во присуство на литванската премиерка Ингрида Шимонте. Детали за договорот не се објавени.

Инвестицијата на Рајнметал ќе биде најголема во одбранбениот сектор на Литванија досега и една од најголемите во историјата на земјата. „Ова ќе ја зајакне нашата индустрија, нашата економија и безбедноста на нашиот регион. Подготвени сме да продолжиме да работиме со компанијата за да се осигураме дека оваа успешна приказна брзо се движи напред“, рече Шимонте.

Според неа, наскоро се очекува да започнат преговорите за договорот за инвестирање. Литванскиот министер за одбрана Лауринас Кашјунас нагласи дека производството на муниција во земјата е една од лекциите од војната во Украина. „Независноста од глобалните синџири на снабдување и производството овде во Литванија е составен дел на националната безбедност и одбрана“, рече министерот.

Фото: facebook