Германскиот извоз паѓа втор месец по ред

56

Германскиот извоз повторно падна во септември, втор месец по ред, додека увозот речиси стагнираше, покажа во вторникот извештајот на заводот за статистика „Дестатис“.

Сезонски прилагодениот извоз се „лизна“ за 0,7 отсто во споредба со август, на 117,8 милијарди евра. Истовремено, увозот пораснал за 0,1 отсто на 101,6 милијарди евра.

Во август извозот падна за 0,8 отсто на месечно ниво, додека увозот порасна за 2,1 отсто.

Во однос на септември минатата година, извозот е зголемен за 7,1 отсто, а увозот за 12,9 отсто, покажуваат податоците на „Дестатис“.

Споредено со февруари во пандемијата во 2020 година, непосредно пред воведувањето на ограничувањето поради корона во Германија, извозот е сè уште послаб за 0,3 отсто додека увозот е повисок за 7,8 отсто, покажаа сезонски приспособените податоци.

„Тесните грла на понудата го оптоваруваат производството, што пак го попречува извозот“, рече економистот  Александар Кругер, додавајќи дека трендот најверојатно ќе продолжи до крајот на годината.

Надворешно-трговскиот биланс во септември покажа суфицит од 16,2 милијарди евра, а според прилагодените податоци 13,2 милијарди евра, што е значително помалку отколку во периодот пред пандемијата, кога често надминуваше 20 милијарди евра секој месец.

На годишна основа, германскиот извоз во Велика Британија падна за 10 отсто, на 5,7 милијарди евра, а увозот од Британија за 20 отсто, на 2,3 милијарди евра.

Извозот во Кина се намали за 0,2 отсто на 8,5 милијарди евра во однос на септември минатата година, додека извозот во САД скокна за 16,2 отсто, достигнувајќи 10,8 милијарди евра.

„Послабата побарувачка од Кина е исто така загрижувачка. Раст ќе се случи едвај кога синџирите на снабдување ќе функционираат непречено. Сепак, за ова ќе биде потребно време“, рече Кругер.

Министерството за економија минатиот месец ја намали прогнозата за раст на извозот за оваа година на 8,6 отсто, од 9,2 отсто како што беше предвидено во април, наведувајќи го „невидениот досега недостиг на интермедијарни стоки“ со кои се соочува производствениот сектор.