
Германскиот извоз ги надмина очекувањата во февруари оваа година поради зголемената побарувачка од САД, во очекување на новата рунда увозни царини од администрацијата на Трамп. Во исто време, индустриското производство во Германија сè уште падна, што укажува дека германската економија, најголемата во еврозоната, сè уште страда од проблеми.
Германскиот извоз порасна за 1,8 отсто во февруари, во споредба со претходниот месец, покажаа во понеделникот податоците на германската Федерална статистичка служба. Експертите анкетирани од Ројтерс прогнозираа пораст од 1,5 отсто. Зголемен е и увозот, за 0,7 отсто во однос на јануари.
Најголем дел од германскиот извоз отиде во САД, за 8,5 отсто повеќе во споредба со јануари, бидејќи нарачките беа значително повисоки во очекување на царините на Трамп. Тарифите објавени од американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот – кои вклучуваат, меѓу другото, давачка од 20 проценти на целиот увоз од ЕУ – може да и нанесат голем удар на германската индустрија. САД беа најголемиот трговски партнер на Германија во 2024 година, а трговската размена меѓу двете земји беше вредна 253 милијарди евра.
„Веќе сега, додека сè уште не знаеме дали најавените давачки ќе се вклучат во трошоците и цените за крајните потрошувачи или како американската побарувачка ќе реагира на производите со зголемени цени, јасно е дека извозно ориентирана економија, како што е Германија, ќе страда од трговската војна“, изјави за Ројтерс Карстен Бжески, од одделот за макроекономска анализа во ИНГ.
Трговскиот биланс на Германија во февруари годинава беше во суфицит од 17,7 милијарди евра, што е зголемување во однос на 16,2 милијарди евра во јануари, но сепак е под суфицитот од 22,6 милијарди евра забележан во февруари 2024 година.
Германското индустриско производство падна повеќе од очекуваното во февруари, за 1,3 отсто, во споредба со јануари. Аналитичарите анкетирани од Ројтерс очекуваа пад од 0,8 отсто. „Надежите дека индустријата ќе има позитивен пресврт сега се претвораат во разочарување“, рече Сајрус де ла Рубија, главен економист за комерцијална банка Хамбург.
Индустриските нарачки стагнираа во февруари, што значи дека побарувачката останува слаба. Најавената поголема јавна потрошувачка на германската влада за одбраната и инфраструктурата нема да се појави барем неколку месеци, така што се чини дека германското индустриско производство повторно ќе се намали во наредните месеци, рече Франциска Палмас, виш економист за европски анализи во Capital Economics.
Фото: Pixabay