Германскиот извоз повторно падна во август

19

Германија во август извезла стоки во вредност од 127,9 милијарди евра, што е за 1,2 отсто помалку од јули. Пад на извозот забележа и Германија во јули во однос на јуни. Според податоците на германските статистичари, увозот во август е помал за 0,4 отсто и изнесува 111,4 милијарди евра.
Како што јави француската новинска агенција АФП, падот на извозот во август бил поголем отколку што предвидувале аналитичарите, што може да биде знак дека најголемата европска економија се лизга во рецесија. Аналитичарите проценија дека извозот ќе се намали за еден процент на месечно ниво.

Надворешно-трговскиот суфицит благо се зголеми во осмиот месец, на 16,6 милијарди евра, ги сумира АФП податоците на германската статистичка служба Дестатис. Во јули таа изнесуваше 15,9 милијарди евра.

„Како и остатокот од германската економија, и извозот е заглавен во зоната на магла помеѓу рецесија и стагнација“, проценува економистот на ИНГ Карстен Брзески.

Извозот во САД, главната дестинација за производи произведени во Германија, падна за 1,3 отсто на месечна основа.

Високата инфлација, забавувањето на индустриската активност и намалената кинеска побарувачка силно влијаеа на германската економска слика во последните месеци. Германската економија падна во рецесија на почетокот на годината и стагнираше во вториот квартал.

Водечките германски економски институти минатата недела објавија дека очекуваат пад на германската економија за 0,6 отсто оваа година, а Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) исто така предвидува пад на Германија како единствена голема економија.