
Трговскиот суфицит на Германија со САД достигна рекордни 70 милијарди евра во 2024 година, што е значително над претходниот рекорд од 63,3 милијарди евра во 2023 година, покажуваат податоците на германската Федерална статистичка служба.
Додека светот ја чека одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за нови царини за увозна стока, економските експерти предупредуваат дека таквиот вишок може да стане проблематичен за германската економија, пренесува Ројтерс.
Трамп во понеделникот значително ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум, зголемувајќи ги на 25 отсто без исклучоци. Како одговор, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека Европската унија сè уште чека официјално известување за новите тарифи, но предупреди дека ЕУ ќе воведе контрамерки доколку САД воведат дополнителни царини.
Аналитичарите од Килскиот институт за светска економија (IfW) оценуваат дека воведувањето царини за германските производи може да го смени растот на трговскиот суфицит и да предизвика проблеми за германската економија. Според нивното мислење, тешко е да се замисли полошо време за овие мерки.
Германија е единствената земја од Г7 која доживеа две последователни години на економска контракција, а трговскиот конфликт со САД, нивниот најголем трговски партнер, може да предизвика дополнителен економски пад.
Германскиот извоз во САД, предводен од автомобили и фармацевтски производи, се зголеми за 2,2 отсто минатата година на рекордни 161,3 милијарди евра, потврдувајќи го статусот на САД како најголем купувач на стоки „Made in Germany“. Во исто време, увозот од САД во Германија падна за 3,4 отсто, на 91,4 милијарди евра.
Германските економисти истакнуваат дека трговскиот дефицит на САД не е резултат на нелојалната трговија, туку на слабата меѓународна конкурентност на американските производи, која не може да се реши со царини. За разлика од трговијата со стоки, САД имаат суфицит во трговијата со услуги, вклучително и со ЕУ и Германија.











