Германскиот увоз од Русија се намалил за 96 проценти од почетокот на војната

Трговијата меѓу Германија и Русија нагло се намали. Германскиот увоз од Русија се намали во првата половина од 2026 година за 96,4 проценти во споредба со истиот период во 2021 година, објави во среда Федералниот завод за статистика, пренесува ДПА.

Вредноста на увозот се намали од 15 милијарди на само 500 милиони евра, првенствено поради прекинот на испораките на руска нафта и гас.

Останатиот увоз беше главно храна и сточна храна, метали и хемиски производи.

Германскиот извоз во Русија, исто така, нагло се намали. Компаниите извезоа стока во вредност од 3,4 милијарди евра во првите шест месеци од 2026 година, што е околу една четвртина од вредноста забележана во истиот период во 2021 година.

Фармацевтските производи учествуваа со 42,4 проценти од извозот, додека машините, храната и сточната храна отидоа во Русија во помали количини, соопштија статистичарите.

Бројот на компании контролирани од Русија што работат во Германија се намали од 229 во 2021 година на само 76 во 2024 година.

Овие компании остварија приход од 8,4 милијарди евра во 2024 година, во споредба со 25,4 милијарди три години претходно.

Исто така, има значително помалку германски компании што работат во Русија. Според податоците од германската централна банка, Бундесбанк, 290 германски компании сè уште работеле во Русија во 2024 година, со годишен приход од околу 13 милијарди евра.

За споредба, во 2021 година, таму работеле 481 компанија, со приход од 38 милијарди евра.

Патничкиот сообраќај исто така беше намален по откажувањето на директните летови поради санкциите на Европската Унија.

Околу 39.900 патници што патувале за Русија биле регистрирани на германските аеродроми во првата половина од 2026 година, додека во првата половина од 2019 година имало приближно еден милион.