
Во првата половина од 2026 година, германските компании драстично ги намалија директните инвестиции во Соединетите Американски Држави, на најниско ниво за три години.
Според анализата на Германскиот економски институт (IW), врз основа на податоци од Бундесбанк, германските директни инвестиции во Соединетите Американски Држави се намалиле за речиси две третини во споредба со истиот период минатата година, на 4,3 милијарди евра, објавува Ројтерс.
Ако ги споредиме податоците со првата половина од 2024 година, падот изнесува речиси 80 проценти, се додава во извештајот.
Падот е уште поизразен во споредба со 2024 година, кога германските компании инвестираа речиси пет пати повеќе во првата половина од годината. Пред пандемијата, просечната вредност на нивните инвестиции во САД во текот на првите шест месеци од годината изнесуваше 15,8 милијарди евра, односно речиси четири пати повеќе од оваа година. Затоа економистите проценуваат дека трендот на опаѓање што започна по враќањето на Трамп во Белата куќа на почетокот на 2025 година продолжува, објавува Ројтерс.
Една од главните причини е трговската политика на американската администрација. Трамп им се закани на повеќето од своите главни трговски партнери со царини за да извлече отстапки од нив. Европската унија, обидувајќи се да избегне високи царини за својот извоз во САД, минатата година се согласи на трговски договор што вклучуваше ветување дека европските компании ќе инвестираат 600 милијарди долари во САД.
Сепак, податоците покажуваат дека германските компании што веќе работат во САД не почнале да повлекуваат пари од земјата. Во текот на 2025 година, имаше многу висока реинвестирана заработка, како и кредити во рамките на директните инвестиции, што покажува дека постојните компании продолжуваат да ја инвестираат остварената добивка на американскиот пазар. Ова значи дека тие сè уште ги сметаат САД за доволно привлечен пазар за нивниот постоечки бизнис.












