
Германските компании во изминатите 18 месеци ги намалија планираните инвестиции во просек за 8,4 отсто поради повисоките каматни стапки, покажуваат резултатите од истражувањето на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
– Фирмите реагираат на повисоки каматни стапки со значително помалку инвестирање во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и во истражување и развој – коментира истражувачот на ИФО, Мануел Менхоф.
Во извештајот објавен на веб-страницата на ИФО, се наведува дека намалувањето на инвестициите не е рамномерно распределено.
– Просечното намалување на инвестициите кај сите анкетирани компании е 8,4 отсто, но гледаме и дека 80 отсто од компаниите воопшто не ги приспособиле инвестициските планови – вели експертот на ИФО, Леа Бест.
Ако се анализираат само 20-те отсто од компаниите кои ги промениле инвестициските планови, инвестициите се намалени за 41 отсто.
Гледајќи ги секторите, инвестициите во германскиот градежен сектор се намалени во просек за речиси 10 отсто, во трговијата за 9,3 отсто, во преработувачката индустрија за 8,2 отсто, а во услужниот сектор за 7,4 отсто.
Намалувањето на инвестициите ќе влијае и на можностите за раст и на проектите за климатска политика, се заклучува во извештајот на ИФО.











