Германските компании сè повеќе се префрлаат на скратено работно време за да се справат со кризата

87

Германските компании вработуваат помалку нов персонал и почесто се префрлаат на намалено работно време за да се справат со кризата, се наведува во ноемврискиот извештај што денеска го објави Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен. Показателот кој ја мери подготвеноста на германските компании да вработуваат падна од октомвриските 93,6 поени на 93,4 поени. Посебно тешка ситуација владее во германското производство, каде поради падот на нарачките се намалува потребата од работници, а слична ситуација владее и во трговијата.

Во ноември 17,8 отсто од производствените компании користеле намалено работно време, што претставува зголемување во однос на августовските 14,3 отсто.

Гледано во секторите, намаленото работно време најмногу користеле компаниите од производството на метали 41,7 отсто, производителите на мебел 33,7 отсто, како и компаниите од автомобилската индустрија 27,2 отсто, производството на електрична опрема 26,9 отсто и машинската индустрија 21,4 отсто, пренесува Танјуг.

Кај давателите на услуги, бројот на вработени се очекува да биде константен, што важи и за градежниот сектор.

Сè повеќе компании го суспендираат вработувањето на нови работници и размислуваат за отпуштања, предупреди директорот за истражување на ИФО, Клаус Волраб.