Германските менаџери покажаа „неочекувано добро расположение“ – Каде доминира песимизмот?

97

Германските менаџери не очекуваат војната во Украина и постојаните проблеми во синџирите на снабдување да ја турнат економијата во рецесија, според влијателниот минхенски институт Ifo. Мајскиот барометар на деловната клима, имено, покажува неочекувано добро расположение.

Барометарот, всушност расположението во менаџментот на околу 9.000 компании од редовното месечно истражување, од април порасна за 1,1 поен и сега е на 93. Аналитичарите очекуваа поголем песимизам и цифра од 91,4.

Расположението беше затемнето во март  – скалата на барометарот падна на 90 тој месец, од 98 во февруари.

„Во моментов нема знаци за претстојна рецесија“, рече претседателот  на Ifo, Клеменс Фист.

Според него, германската економија останува робусна и покрај тешкото снабдување со материјали за производство, војната и неконтролираната инфлација.

Бизнисите задоволни

„Компаниите се видно позадоволни од тековното работење“, рече Фист.

Очекувањата, сепак, останаа непроменети од минатиот месец и анкетата укажува на воздржани прогнози од страна на менаџерите.

Актуелниот бизнис сектор е најзадоволен од тековното работење, иако сè уште е загрижен за претстојните месеци.

Каде доминира песимизмот?

Во транспортот и логистиката доминира песимизмот, а градежниците сега, за разлика од темниот април, се малку порасположени.

„Подоброто расположение на најважниот економски барометар во Германија во мај може првенствено да се припише на поповолна проценка на ситуацијата“, изјави главниот економист на Фолксбанк, Томас Гицел.

Тој нагласи дека очекувањата од следните неколку месеци сè уште се песимистички.

Главниот економист на Комерцбанк Јерг Кремер оцени дека укинувањето на мерките за пандемијата и закрепнувањето на услужниот сектор го компензираат песимизмот поради забавувањето на индустриското производство.

Во исто време, рече Кремер, тешкотиите поради кинеската политика на пандемска нетолеранција и украинската војна, односно стагнацијата на понудата што го предизвикува сето ова, секако ќе продолжат да вршат притисок врз германската економија.