Германските производители на пиво очајни: „Ги преживеавме нацистите и комунистите, ќе го преживееме и ова“

168

Војната во Украина им донесе неочекувани проблеми и на германските производители на пиво.

Стефан Фриче, кој ја предводи со векови старата германска пиварница во Нојзел, се соочува со 400 пати повисока сметка за гас, како и 300 пати поголема сметка за струја, но зголемувањето на цената не е негов најголем проблем. Неговите и другите пиварници страдаат од недостиг на пивски шишиња.

„Проблемот е без преседан. Цената на шишињата вртоглаво порасна“, изјави Фриче за Њујорк Тајмс.

Не е проблемот во недостигот на шишиња бидејќи во Германија се во оптек околу 4 милијарди шишиња, туку тоа што луѓето не ги враќаат на рециклирање. Клиентите плаќаат доплата од 8 центи по шише, а тие пари се враќаат кога ќе го донесат шишето на рециклирање.

Иако системот за рециклирање шишиња е добар за животната средина, постои еден значаен проблем, а тоа е охрабрување на луѓето да ги вратат шишињата за да можат да се рециклираат. Враќањето на гајби со празни стаклени шишиња назад во продавница може да биде мака, дури и ако на крајот луѓето си ги вратат парите за нив. Затоа, луѓето често ги собираат и ги чуваат на балкони или подруми додека не останат без простор или не им требаат пари.

„Тоа е фатално за малите пиварници“, тврди Стефан Фриче, чија пиварница продава дури 80 отсто од својот производ во стаклени шишиња.

Шефот на националната германска организација за пивари, Холгер Ајкеле упати јавен повик до Германците со барање да ги вратат празните шишиња за да не останат пиварниците без нив пред летото.

Војната во Украина го влоши проблемот со тоа што им отежнува на пиварниците да купуваат нови шишиња кои би можеле да го надополнат недостатокот. Имено, иако пиварниците своето стакло го купуваат од многу европски земји, фабриките за стакло во Украина престанаа да работат поради војната, а санкциите ги нарушија синџирите за снабдување со стакло од Белорусија и Русија. Цената на пивските шишиња порасна низ Европската унија, достигнувајќи рекордни 15 до 20 центи по шише.

За производство на стакло се потребни високи температури, а цената на енергијата е зголемена. Пиварниците кои немаат потпишано долгорочни договори за производство на шишиња се соочуваат со зголемување од 80 отсто за нови стаклени шишиња, според Германското здружение на пивари.

Високите цени на стаклените шишиња не се единствениот проблем со кој се соочуваат германските пиварници. Индустријата се бори и со хроничен недостиг на возачи на камиони и зголемување на цените на горивото, но и со зголемување на цените на другите потребни материјали.

И додека некои пиварници ги зголемија цените на своите производи, предлогот на Стефан Фриче да се зголеми таксата за поврат на 15 центи беше одбиен поради страв дека ќе има премногу шишиња пиво во оптек.

Во 2020 година, Германија беше рангирана на петтото место во светот во однос на потрошувачката на пиво по глава на жител. Сепак, статистиката покажува како дошло до намалена потрошувачката на пиво. Откако Федералното биро за статистика почна да води евиденција во 1993 година, една година откако семејството на Фриче ја презеде пиварницата Нојзел, националната потрошувачка на пиво опадна за речиси 24 отсто бидејќи Германците почнаа да консумираат сè повеќе безалкохолни пијалоци, според  New York Times.

„Нацисти, комунисти, национализација – имавме скоро сè овде во минатото“, рече г-дин Фриче. „Се преживеавме. Ќе го преживееме и ова“.