Германските трговци бараат повеќе продавници отворени во недела

По книжарите, пекарите и слаткарниците, малопродажниот сектор исто така сака да ја добие можноста за работа во недела. Тоа добива поддршка од Економскиот комитет на Бундестагот. Црквите и синдикатите критички го гледаат овој предлог.

Откако германската влада објави дека на книжарите, пекарите и слаткарниците ќе им биде дозволено да работат и во недела, дебатата за општото работно време на продавниците за време на викендот сега добива на интензитет. Економскиот комитет на Бундестагот се залагаше за значително олабавување на моментално важечката забрана за работа во недела.

„Бундестагот одлучува за работата на вработените во недела, а федералните покраини за работното време на трговијата во недела“, изјави претседателот на одборот, Кристијан фон Штетен, за таблоидот Билд. „Во двата случаи, јас сум за дарежливо продолжување на постојните правила“, рече политичарот од ЦДУ.

Добро за економијата

Координаторот на федералната влада за туризам, Кристоф Плос (CDU), исто така, ја поддржува идејата и наведува дека е добра за германската економија. За весникот на медиумската група Функе, тој изјави: „Дали туристите ќе одлучат да одат во Германија зависи и од атрактивните продавници и понудата за купување“. Тој додаде дека аргументите на малопродажната трговија „можат многу добро да се разберат и од перспектива на туристичката политика“.

Плос продолжи велејќи дека сегашните правила доаѓаат од време „кога не постоеше онлајн трговија“. „Пофлексибилното работно време би им овозможило на германските трговци на мало да останат конкурентни со онлајн продавниците што се достапни во секое време“, верува тој. Покрај тоа, полибералните правила „би дале нов поттик на центрите на германските градови“.