Германските власти го продолжуваат делумното затворање, а маски ќе се носат и на отворено

35

Германската канцеларка, Ангела Меркел, објави дека ограничувачките мерки против коронавирусот ќе бидат продолжени најмалку до 20 декември, а можеби и во јануари.

Таа рече дека Германците ќе мора да носат маски на отворено, во пешачките зони и градските центри, пренесува Ројтерс.

Меркел изјави дека се договорила со лидерите на 16 германски сојузни држави дека мерките против ширење на коронавирусот ќе останат на сила до 20 декември, додавајќи дека е многу веројатно мерките да останат на сила до јануари.

“Бројот на новозаразени е сè уште премногу висок“, изјави Меркел.

Таа нагласи дека обврската за носење маски на отворено ќе се воведе во Германија, каде има голема фреквенција на луѓе, пренесува Ројтерс.

“Сè уште сме далеку од 50 заразени на 100.000 жители за седум дена. Сепак треба да се стремиме кон таа цел”, рече канцеларката.

Меркел потенцира дека работата од дома е добар механизам зa намалување на бројот на контакти.
“Апелирам до работодавците каде што  има услови, да дозволат работа од дома, посебно во периодот за Божиќ и Нова година“, рече Меркел.

Британската агенција потсетува дека на 2 ноември Германија воведе нова блокада со цел да се избори против вториот бран на вирусот кој се прошири низ цела Европа.

Според договорените мерки во Германија, на најмногу пет лица, не сметајќи ги децата, ќе им биде дозволено да присуствуваат на приватни собири, додека на најмногу 10 лица ќе им биде дозволено да се соберат за време на Божиќните празници.

Фото: Pixabay