Германските железничари најавија нов штрајк: Ќе трае 50 часа

43

Германскиот железнички синдикат ЕВГ денеска најави нов 50-часовен штрајк кој ќе се одржи од недела до вторник, бидејќи преговорите за платите со националната железничка компанија Дојче Бан и околу 50 други железнички компании се одолговлекуваат без решение.

Прекинот на работа, кој ќе започне во 20 часот во недела и ќе заврши во 22 часот во вторник, ќе биде последен од бранот штрајкови во неколку европски земји поради зголемената инфлација која ги зголеми трошоците за живот, пишува Ројтерс.

ЕВГ рече дека нов штрајк е „неизбежен“ бидејќи напредокот во преговорите се постигнува премногу бавно. Дојче бан изрази незадоволство поради потегот, нарекувајќи го „непропорционален“ бидејќи се обидува да се приближи до барањата на ЕВГ и да ги зголеми понудите за плати.

Синдикатот ЕВГ, кој преговара во име на 230.000 работници, вклучително и 180.000 во Дојче Бан, бара зголемување на платите за 12 отсто, или најмалку дополнителни 650 евра месечно. Дојче Бан понуди 10 отсто за работниците со пониски и средни примања и 8 отсто за работниците со повисоки примања, како и натамошни постепено зголемувања.

Во март и април, синдикатите ЕВГ и Верди организираа предупредувачки штрајкови низ Германија, кои, покрај автобусите и возовите, ги зафатија аеродромите и пристаништата.