Германците би можеле да усвојат сиеста во текот на работното време, по примерот на јужна Европа

148

Германија размислува дали да го следи примерот на Шпанија и да воведе ‘сиеста’- работа наутро, одмор, па повторно работа попладне – за да се справи со силниот топлотен бран.

Медицинските службеници во Германија бараат воведување нови правила за работа во топлите месеци, по урнек на јужноевропските земји. Ваквиот ритам на работење во жешките денови, добро познат во дел од земјите од јужна Европа, би требало да се прифати и во Германија, сметаат медицинските службеници.

„Кога е жешко, треба да се водиме според начинот на кој работат јужните земји: станувањето рано, продуктивното работење наутро и сиестата напладне е концепт што треба да го усвоиме во летните месеци,“ изјави Јоханес Нисен, претседателот на Сојузот на лекари од јавниот здравствен систем.

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах рече дека сиестата „секако не е лош предлог“, додека здружението на работодавачи БДА рече дека е отворено за ваквата идеја.

Ова се случува во време кога болниците низ Италија водат битка да се справат со приливот на пациенти кои бараат итна помош за болести поврзани со екстремна горештина, додека немилосрдниот топлотен бран продолжува да го пече Медитеранот.

Туристите колабираа и се онесвестуваа на дневна основа во текот на изминатите неколку дена низ Медитеранот, вклучително и Италија и Грција, бидејќи температурите во вторникот  се искачија над 42 степени Целзиусови.