Германците емигрираат најмногу во Швајцарија

40

Швајцарија и понатаму е најомилената дестинација на Германците кога е емиграцијата во прашање. Следува Австрија, а на трето место е Шпанија. Причините за преселба во Швајцарија се повисоките плати и помалите даноци.
Минатата година во Швајцарија постојано живееле 311.300 германски државјани, што е за околу 2.000 повеќе од претходната година. На второ место е Австрија со 216.700, а на трето не е Шпанија, каде своето прво место на живеење го пријавиле 142.600 Германци, објави Заводот за статистика на Германија.

Меѓу првите десет земји во Европа во кои Германците претпочитаат да емигрираат се Франција, Италија, Холандија и скандинавските земји. Кога станува збор за Швајцарија и Австрија, статистичарите не се сомневаат зошто овие земји се популарни кај Германците кои сакаат да емигрираат. „За Австрија и Швајцарија заедничко е близината и недостатокот на јазична бариера“, се вели во соопштението за печатот на германскиот завод за статистика. Кога станува збор за Швајцарија, на тоа може да се додадат и многу повисоки плати отколку во Германија со многу пониски даноци. Според податоците на порталот за емигранти во Швајцарија, Perspektive Ausland, бруто-платите во Швајцарија се во просек 70 отсто повисоки отколку во Германија со многу пониски даноци на доход (15 до 25 отсто), но во исто време и трошоците за живот кои се значително повисоки отколку во Германија.

Пензионерите кои сакаат да го поминуваат времето во потопла клима и со помали трошоци за живот најмногу се преселуваат во Шпанија и Франција. Швајцарија е исто така земјата каде што повеќето Германци аплицираат за државјанство. Според последните податоци за 2021 година, околу 8.000 Германци стекнале државјанство во Швајцарија. Кога станува збор за земји надвор од Европската унија, германските граѓани претпочитаат да емигрираат во САД, Турција и Обединетите Арапски Емирати.