
Најголемиот германски снабдувач со гас Uniper објави дека го раскинува долгорочниот договор за снабдување со гас со Гаспром.
„Унипер денеска одлучи да ги раскине долгорочните договори за набавка на гас од Русија и со тоа законски ги заврши долгорочните односи со руската државна компанија Гаспром експорт“, се вели во соопштението на германската компанија, пренесува Спутник.
Како што се посочува, одлуката е донесена откако арбитражниот суд на 7 јуни му даде право на Унипер да ги раскине договорите.
Гаспром Експорт ја прекина испораката на гас за Унипер во средината на 2022 година.
Од 2022 година, многу европски земји делумно или целосно престанаа да добиваат гас од Гаспром. Пролетта руската компанија ги намали или запре испораките за Бугарија, Полска, Финска, Холандија, Германија и Данска, главно наведувајќи дека не го спроведувале указот на претседателот на Русија за плаќање на гас во рубљи. До есента таа година, испораките долж главната рута – Северниот тек – престанаа.











