ГЕЦФ: Глобалната побарувачка за природен гас би можела да се зголеми за 34 отсто во 2050 година

15

Глобалната побарувачка за природен гас би можела да се зголеми за 34 отсто во 2050 година во однос на 2022 година, достигнувајќи 5.360 милијарди кубни метри, се наведува во извештајот на Форумот за земји извознички на гас (ГЕЦФ).

Глобалната потрошувачка на природен гас во 2022 година изнесуваше околу 4.015 милијарди кубни метри.

Извештајот ги наведува клучните двигатели на растот на побарувачката, како што се зголемувањето на населението и економското производство, подобрувањето на квалитетот на воздухот, намалувањето на емисиите на стакленички гасови и политиките насочени кон транзиција од јаглен и нафта на гас.

Се проценува дека 52 отсто од растот на глобалната побарувачка доаѓа од азиско-пацифичкиот регион.

– Како што се зголемува уделот на обновливите извори на енергија, се предвидува производството на електрична енергија на природен гас да игра сè поважна улога, обезбедувајќи флексибилност и поддршка на соларната, ветерната и хидроенергијата за време на периоди на суша. Се очекува најголем дел од идниот раст на побарувачката за природен гас да доаѓаат од брзорастечките пазари во Азија и Пацификот и земјите богати со гас на Блискиот Исток и Африка, се наведува во извештајот.

Растот на побарувачката само во секторот за производство на електрична енергија се проценува на 500 милијарди кубни метри.