Главен адут на македонската туристичка понуда – авантуристички туризам

23

Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот почнувајќи од денеска, организира голема регионална конференција за активен туризам која што се одржува во Охрид, јавува Миа. На конференцијата ќе присуствуваат повеќе од 300 учесници, преставници на 65 познати светски тур-оператори, како и 25 специјализирани новинарски куќи.

“Македонија има големи компаративни предности кога станува збор за активниот туризам кој моментно е еден од водечките трендови во туризмот во светски рамки. Оваа конференција и учеството на претставници од 17 држави го потврдува тој потенцијал”, рече Марјан Хрибар, претставник на Светската туристичка организација и еден од учесниците.

Според Татјана Аниќ од Експлор Србија, конференцијата во Охрид е одлична можност за светска промоција на Балканот како една од поинтересните дестинации, од причина што овој вид туризам не бара особени инфраструктурни услови, што е поволност за привлекување поголем број туристи на кои убавата природа им е најважна при изборот на дестинацијата.

Научните институции задолжени за стимулирање на развојот на туристичкиот сектор на Балканот апелираат за надминување на административните потешкотии при обидите за заеднички настап на државите од регионот во привлекувањето туристи од западна Европа и САД.

Најатрактивните дестинации за авантуристички туризам во Македонија веќе неколку дена се посетени од учесниците на собирот, кои се поделени во 27 групи. Тие денеска ќе можат да летаат со параглајдер, да јаваат коњи и магариња, да планинарат, да се возат со кајаци на диви води, да возат велосипеди по планински патеки.