Глобална недела на претприемништво: Што е потребно за да се организираат 49 настани во една недела?

151

Глобалната Недела на Претприемништвото е глобална прослава на претприемништвото која оваа година се организраше од 8-ми до 14-ти ноември. Во текот на оваа недела имаше 49 настани, преку кои македонските претприемачи имаa можност да ги промовираат своите бизниси, да го зголемат бројот на деловни контакти, и да дојдат до квалитетни информации за изворите на финансирање, како и новостите во рамките на националната легислатива од областа на претприемништвото.

Што сè е потребно за да се постигне квалитетна агенда на настани кои го промовираат претприемништвото и креираат решенија за економски раст?

„Кога размислувавме со тимот што сакавме да постигнеме во рамки на овогодинешната ГНП, размислувавме како на едноставен начин да ги претставиме сите содржини со оглед на нивната различност, комплексност, образовна, но и забавна компонента, како и да внимаваме на временскиот распоред за секој партнер кој организира настан да има доволно време за изложување на своите теми и презентирање на сопствениот производ. Тука, од огромна помош беше методологијата која нашиот соработник Вартан Сурмејан ни ја презентираше преку Event Cook, и која ни помогна да го извлечеме најдоброто и презентираме квалитетна понуда за екосистемот,” вели Симона Чаминска, Националниот Координатор на ГНП С. Македонија.

Покрај внатрешното организациско структуирање, потребна и постојана комуникација со партнер организациите, учесниците и говорници. Оваа недела претставува вистински предизвик доколку се земат во предвид бројот на настаните, заинтересираноста на партнерите и поддржувачите, различните интереси на таргет публиката кон која се стреми ГНП и секако намерата на организаторите да обезбедат што помасовно, но квалитетно вклучување на сите засегнати страни од екосистемот.

„За организирањето на една Глобална недела на претприемништво од овој калибар потребно е најмалку временски период од три месеци, фокусиран и пожртвуван тим, но и партнер организации кои се спремни да го дадат своето време и придонес во процесот на организирање на своите настани. Сметам дека Стартап Македонија секоја година се повеќе се подобрува во програмскиот аспект и со ваков тим спремни сме да организираме голем број на квалитетни настани во склоп на една ваква иницијатива.” изјави Благица Ефтимова програмски координатор на Стартап Македонија.

За разлика од минатата година,  оваа година,  Стартап Македонија овозможи партнерските организации да изберат помеѓу онлајн, хибриден или физички формат за креирање на својот настан што повикува на техничка спремност и огромна координираност. Целосна техничка поддршка на партнерите кои беа заинтересирани за онлајн настани ја покриваше Стартап Македонија. Христијан Волкановски, техничкиот координатор на Стартап Македонија истакна дека е сериозен предизвик да се искоординираат и организираат 49 настани од технички аспект, со целосна Зоом поддршка и Facebook live, а притоа начинот на пренесување на информации онлајн и можните проблеми при самото презентирање да се сведи на минимум односно целосно да го нема.

Од особено значење за организација на голем број на настани во краток период е креирањето и имплементацијата на брендинг и маркетинг стартегија. The Monday, беше тимот кој стоеше во позадина на маркетингот и дизајнот на целата ГНП.

„Целиот тим беше максимално вклучен во доставување на креативните барања со што успеавме соодветно да одговориме на спецификациите од секоја организација. Истовремено работевме на максимална видливост на секој од настаните, притоа следејќи го визуелни от правец за оваа година. Среќни сме за позитивниот фидбек што го добивме од страна на публиката и организациите во однос на понудените креативи. Веруваме дека со нашата работа и оваа година стигнавме до голема видливост на целата иницијатива на национално и меѓународно ниво”, – Николина Цветановска од Monday.

Тим, внатрешна организација, комуникација со партнери, техничка спремност, брендинг и маркетинг, се само дел од работите кои се потребни за организација на една Глобална недела на претприемништво. Дополнително, моменталната состојба со ковид-19 пандемијата, натовари уште еден предизвик на партнер организациите кои имаа настан со физичко присуство да ги почитуваат сите протоколи.

Дали е едноставно да се организираат 49 настани во една недела? Дефинитивно не е едноставно, но со јасна визија и фокусиран тим, е возможно да се постигне квалитетна агенда на ваков тип на настани. Сите настани може да ги погледнете на фејзбук страницата на Глобалната недела на преприемништво, а во наредниот период и на Youtube каналот на Стартап Македонија.