Глобалната побарувачка на нафта би можела да достигне рекордно високо ниво годинава

43

Во 2023-та година, глобалната потрошувачка на нафта ќе се зголеми за 1,9 милиони барели до рекордни 101,7 милиони барели дневно, предвидува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Главните неизвесности околу пазарите се Русија и Кина, иако околу половина од очекуваниот раст се должи на Кина, се истакнува во извештајот за развојот на нафтениот пазар на организацијата.

Мерките за подобрување на енергетската ефикасност, како и електрификацијата на транспортот, благо ќе ја намалат побарувачката на нафта за 900.000 барели дневно. Во првите месеци од годината побарувачката ќе биде под притисок на она што се случува во Кина, додаваат аналитичарите.

Годината започнува со добра рамнотежа на пазарот, но може многу брзо да се промени доколку Русија почне да го намалува извозот поради западните санкции.

Прогнозата на ИЕА за производството на нафта во 2023-та година укажува на пад од околу 1 милион барели дневно, по зголемувањето од 4,7 милиони барели дневно во 2022-ра година. Главната причина е падот на залихите од Русија, додека САД, Канада, Бразил и Гвајана ќе ги зголемат испораките на светскиот пазар.

Во декември 2022-ра година, извозот на руска нафта се намали за 200.000 барели на 7,8 милиони барели дневно. Поради санкциите против Русија, приходите од продажба на нафта се намалени за 3 милијарди долари во однос на ноември и достигнаа 12,6 милијарди долари. Ова е најнискиот приход од февруари 2021-ва година и се должи на големите попусти што земјата треба да ги понуди на своите неколку преостанати клиенти поради западните санкции.

Непосредно пред да стапи на сила забраната за купување руски горива во ЕУ, извозот на нафта од Русија достигна највисоко ниво во последните години – 1,2 милиони барели дневно, од кои 720 илјади се насочени кон Европа. Нафтениот пазар е еден од најпроблематичните оваа година во услови на враќање на побарувачката по пандемијата на коронавирус и забраните за купување руски горива во ЕУ, додава ИЕА.

Просечната цена на европската сурова нафта „брент“ на глобалните пазари падна за речиси 10 долари на нешто повеќе од 81 долар за барел во декември поради загриженоста дека бруто домашниот производ на Кина ќе падне поради пандемијата на коронавирус.