
Глобалната продажба на електрични и хибридни возила со батерии се зголеми за 29 отсто во март на годишно ниво, најмногу благодарение на растот во Кина и Европа, додека продажбата во Северна Америка беше намалена поради ставот на американскиот претседател Доналд Трамп за емисиите на јаглерод и царинската несигурност.
Чарлс Лестер од Rho Motion, компанија која го анализира автомобилскиот пазар, вели дека речиси 40 отсто од електричните автомобили што се продаваат во САД се увезени, а околу четвртина од оние што се произведуваат дома користат увезени батерии.
Одмаздничките тарифи на Кина би можеле дури и да ја удвојат цената на моделите на Tesla што се продаваат во Кина. САД воведоа царини од 25 отсто за увоз на автомобили претходно овој месец.
Глобалната продажба на електрични возила со батерии и хибриди достигна 1,7 милиони во март, според податоците на Rho Motion.
Ова придонесе за вкупниот годишен раст на продажбата од 29 проценти во првиот квартал.
Во март годишната продажба во Кина порасна за 36 отсто на речиси еден милион електрични автомобили. Од нив 400 илјади се продадени во Европа, што е раст од 24 проценти. Во САД и Канада, продажбата е за 12 отсто поголема во однос на март 2024 година и достигна бројка од 200 илјади возила. Во останатиот дел од светот е забележан раст на продажбата од 13 отсто.