Глобалниот бизнис „крем“ вети најмалку 13 милијарди евра инвестиции

74

Франција би можела да добие ветувања за рекордни странски инвестиции од светските бизнис лидери на годишниот самит „Choose France“ во Версај, меѓу кои и сопственикот на „Тесла“, Илон Маск.

За претседателот Емануел Макрон, чиј рејтинг е сериозно разнишан со зголемувањето на старосната граница за пензионирање, собирот на најголемите светски имиња е можност да го оправда неговиот потег, како и да го насочи својот фокус кон промовирање на еколошките индустрии, како што се електричните возила.

Деловните лидери кои присуствуваа на самитот досега ветија дека ќе инвестираат 13 милијарди евра во Франција, најмногу откако Макрон првпат го одржа настанот во 2018 година.
Меѓу оние кои се шармирани од француската администрација за инвестиции во таа земја е и директорот на Тесла, Илон Маск, кој се сретна со Макрон во официјалната резиденција, Елисејската палата. Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер треба да му ги врачи на Маск новите даночни олеснувања за инвестициите во зелената технологија што Макрон ги најави минатата недела, пишува Ројтерс.

Франција претходно неуспешно се обиде да го привлече шефот на Тесла да изгради европска „гигафабрика“ во таа земја, но тој наместо тоа ја избра Германија. Фабриката на Tesla во близина на Берлин започна со испорака на автомобили во март 2022 година и сега произведува околу 5.000 возила Model Y неделно, со максимален капацитет од 500.000 возила годишно.

На прашањето на BFM TV за можните инвестиции на Маск, Ле Мер рече дека само „сите инвестиции што се направени денес се резултат на повеќемесечни или дури години преговори“, додека Тесла не беше веднаш достапен за коментар.

Франција очекува вкупно 28 нови инвестициски проекти, меѓу другите од американската фармацевтска компанија Pfizer, шведскиот производител на мебел Икеа до инвестициската банка Морган Стенли.

„Пеглање“ на имиџот
Во изминатите пет години, Макрон редовно покануваше извршни директори во раскошната палата во Версај за да се обиде да обезбеди милијарди евра странски инвестиции.

Самиот поранешен инвестициски банкар, Макрон, по два мандата на чело на француската држава, повеќе не може да се кандидира на изборите во 2027 година, но политичките аналитичари истакнуваат дека неговиот фокус е на неговото наследство. Истовремено, самитот е можност тој да се оддалечи од повеќемесечните жестоки протести против пензиската реформа.

Привлекувањето странски инвестиции има и поширока, европска компонента во глобалната трка со Америка. Минатата година САД донесоа закон за намалување на инфлацијата, кој ги мами европските компании преку Атлантскиот Океан со дарежливи субвенции на штета на европската економија.

Тесла рече дека, иако почнале да склопуваат батерии во Германија, тие ќе го насочат производството на ќелии во САД, што ќе ја направи една од првите компании што ја промени својата стратегија земајќи ја предвид улогата на субвенциите.