Го продал станот за да влезе во бизнис, а сега станува еден од водечките играчи во банкарскиот сектор во регионот

2705

Откако беше објавено дека Сбербанк потпишала договор за продажба на банки -ќерки во пет земји од регионот, во преден план дојде името на српскиот бизнисмен Миодраг Костиќ.

Токму Костиќ преку својата групација е купувач на подружниците на рускиот банкарски гигант во овие пет земји. Со оглед на тоа што веќе ги поседува АИК Банка Белград и Горењска Банка Крањ преку кои ја направи аквизицијата, јасно е дека станува еден од водечките играчи во банкарскиот сектор во регионот.

По купувањето на Сбербанк во Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Словенија и Унгарија, големината на активата на нејзината банкарска група ќе надмине 11 милијарди евра, што ќе ја направи една од најголемите регионални банкарски групи. Костиќ, инаку, е еден од најбогатите луѓе во поранешна Југославија и најголемиот претприемач во Србија, кој често го нарекуваат „крал на шеќерот“ поради фактот што токму во тој бизнис се збогатил.

Неговата империја, означена како МК Груп од Белград, се протега од прехранбената индустрија, каде што сè започна со шеќерот, а продолжи во секторот туризам и угостителство, каде што поседува бројни луксузни објекти на јадранското крајбрежје, од Словенија до Црна Гора.

Во 2018 година, американскиот магазин Форбс го рангираше Костиќ меѓу најбогатите луѓе во Србија и регионот со имот вреден повеќе од 500 милиони евра. Сега тие средства се секако многу поголеми.

Костиќ е роден во Врбас, Србија на 25 август 1959 година. Татко му бил возач, а мајка му готвачка, а тој почнал да работи на 15 години кога носел вреќи со цемент.

Според податоци достапни на Интернет, Костиќ почнал да се занимава со приватен бизнис во 1983 година – најпрвин како сопственик на приватна компанија за трговија, увоз-извоз и производство, која во 1995 година прераснува во МК Груп. Овој дипломиран економист во бизнисот влегол со 20.000 евра, за кои продал стан во Врбас.

Денес, Костиќ има вреден имотниз целиот регион. Покрај земјоделството, производството на шеќер и месо, туризмот, обновливите извори на енергија, од 2015 година МК Груп е сопственик на АИК банка како и M&W Investments, најпознатата брокерска куќа во Србија во изминатите 10 години. Преку АИК банка, МГ Груп има сопственост и во словенечката Горењска банка. Други деловни области на МК Груп се финансиски и ИТ услуги, недвижности и слично. Неговата компанија поседува и мнозински удел во аеродромот Порторож во Словенија.

Костиќ управува и со неколку хотелски капацитети на светски познатите брендови Кемпински и Шератон во Хрватска, Словенија и Србија.