Го скратуваат работното време за да заштедат струја

149

Поради превисоките цени на енергијата и потребата да се заштеди струја, многу продавници во Австрија решија да го скратат работното време.

Во Грац најголемата стоковна куќа во центарот на градот „Kastner & Eller“ одлучи да го скрати работното време за половина час од понеделник до петок, што значи дека наместо до 19:00 часот, ќе работи до 18:30 часот, објави директорот на компанијата, Мартин Вег.

Трошоците за струја годинава се зголемени за десет пати, рече тој и додаде дека половина од трошоците за струја се за осветлување.

Тој рече дека стоковната куќа се затвора порано не само за да се заштеди струја, туку и затоа што во тој момент доаѓаат помалку муштерии.

И ИКЕА во Грац го скрати своето работно време.

Пред пандемијата, ИКЕА беше отворена од 9 до 21 часот, а сега од 9:30 до 20 часот.

„Станува збор за заштеда на енергија, но пред сè е за персоналот, кој сè потешко го наоѓаме“, објасни портпаролот на ИКЕА, Уве Блимел. Трговскиот центар „Вајнленд“ во Лајбниц пред неколку месеци го намали своето работно време за еден час, како што беше најавено, поради огромното поскапување на гасот и претстојната грејна сезона.