Годинава нема да добиеме уште еден час плус евтина струја

46

Граѓаните оваа година нема да добијат уште еден час плус евтина струја, oстанува дневната евтина тарифа од 13 до 15 часот, од 22 до 7 часот и 24 часа во недела.

Анализата на потрошувачката на струја од 2021 година до септември годинава покажува дека до крајот на 2023 година немало услови за враќање на евтината тарифа. Во првите девет месеци од оваа година, пак, анализата покажала дека најниски биле цените за еден час за струјата во периодот од 12 до 16 часот во текот на денот, но претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, објасни дека сепак не се исполнети условите за дополнителен еден или два часа евтина струја во текот на денот.

„Кога разговаравме за воведување евтина тарифа, кажавме дека она што се случува на пазарот, тоа ќе сакаме и да го пресликаме. За жал, на пазарот од 20 до 24 часот цените се убедливо повисоки од сите други периоди во кои имаме и евтина и скапа тарифа. Доколку би го следеле пазарот, тогаш воведувањето евтина тарифа би било од 12 до 16 часот, но ќе треба евтината тарифа што ја имаме од 22 до 24 часот, кога имаме реално високи цени, да се укине“, рече претседателот Бислимоски.

За да не ги менуваат 40-годишните навики на потрошувачите и да не предизвикаат негативни реакции, регулаторите засега нема да прават измени. Претседателот Бислимоски рече дека веќе имал состанок со ЕСМ и со „ЕВН хоум“ за дополнителен еден час евтина струја преку ден, на кој го известиле дека немаат забелешки, но се договориле да ја следат ситуацијата на пазарот со струја имајќи ги предвид навестувањата за поскапување на струјата од јануари.

„Во оној момент кога ќе се создадат услови, како што и ја воведовме оваа евтина тарифа, како што ја вративме од почетокот на минатата година во текот на денот и сме единствена земја во регионот што има евтина тарифа во текот на денот, вклучувајќи и еден дел од Босна и Херцеговина, верувам дека кога ќе имаме порелаксирани услови на пазарите на електрична енергија, ќе воведеме дополнителен еден или два часа евтина тарифа во текот на денот“, рече Бислимоски.

Бислимоски е убеден дека граѓаните ќе имаат помала корист доколку тие два часа од 22 до 24 часот се стават во скапа тарифа отколку она што го користат сега како евтина тарифа.