Годинава завршува изградбата на магистралниот гасовод во Скопје

22

Гасоводите Скопје-Тетово-Гостивар и Битола-Неготино треба да бидат завршени годинава, а се очекува да биде избран и партнер за секундарната гасификација која ќе им овозможи на градовите да го користат гасот. Ова денеска го изјавија министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Енергетски ресурси Бајрам Реџепи кои беа на увид на градежните работи на гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар.

Тие, заедно со заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи извршија увид во изградба на магистралниот гасовод Скопје-Тетово Гостивар.

Оваа делница е инвестиција од 29 милиони евра, до сега изградени се околу 80 % од трасата или заварени се 53 километри цевки од вкупно 86 километри колку што изнесува вкупната должина на овој проект.

Министерот Бочварски потенцираше за огромното значење на гасификацијата на држвата од апсект на заздравување на економијата, намалување на аерозагадувањето како и поевтин енергенс за граѓаните и компаниите.

“Ги користиме сите технички и човечки ресурси за да може што поскоро да ги завршиме започнатите магистрални делници, а воедно да отпочнеме и нови проекти за гасификација на цела територија на државата. Значењето на гасот е силно потенцирано и од граѓаните и од бизнис секторот и затоа ги охрабрувам, ние цврсто стоиме на нашите определби гасот да го доведеме до сите корисниици. Очекувам оваа делница да биде завршена годинава,  имаме чист терен за работа, а изградбата се одвива со добра динамика. Исто така и магистралниот гасовод од Неготино до Битола е во завршна фаза и тој ќе биде оперативен оваа година. Во однос на новите проекти, за оваа година планираме да отпочнеме постaпки за изгрaдба на делницата од Неготино до Гевгелија и да се поврземе со конкеторот со Грција, а веќе слeдната да отпочнеме со два нови магистрални делници од Велес до Свети Николе и од Гостивар до Кичево”, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Директорот на Национални Енергетски Ресурси, Бајрам Реџепи истакна дека со завршување на овој проект оваа година, цел Полошки регион и западниот дел од Скопје ќе имаат пристап до преносниот систем на гас.

“Надминати се сите состојби со експропријација на земјиштето, најтешките предели се изградени, добрата вест е дека полесниот дел од трасата оваа година ќе се заврши вклучувајќи ги двете мерно регулациони станици и седумте блок станици.  Со тоа ќе се овозможи пристап до преносниот систем на гас и заедно со дистрибутивниот систем да се опслужуваат корисниците. Оваа година започнуваме и постапка за изградба на интеконекторот со Грција, исто така оваа година завршуваме со физибилити студија за поврзување со интеконекторот со Косово и очекувам наредната година да проектираме и конечно нашиот преносен систем да го користеме за да пренесеме гас до нашите северни соседи. Исто е и со конекторот со Србија, заеднички ќе аплицираме до Инвестицискиот фонд на Западен Балкан за физибилити студија и проектирање”,  изјави директорот на Национални Енергетски Ресурси, Бајрам Реџепи.