
Во Охрид, денес и утре, ќе се одржи 24-тото издание на Годишната конференција на Македонската берза.
Свеченото отворање на конференцијата ќе го извршат Главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје, Иван Штериев, министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, и претседателот на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази.
Како што е објавено, за предизвиците на монетарната политика во контекст на зголемена несигурност ќе дискутираат гувернерот на НБРСМ, Трајко Славески, и Главниот извршен директор на NLB Ljubljana, Словенија, Блаж Бродњак.
Овогодишната програма на конференцијата опфаќа клучни теми, како што се: македонските и регионалните економски изгледи, можностите и предизвиците за IPO и растот на домашните компании, развојот на пазарот на капитал преку мултифондови и ЕТФ-ови, значењето на малите берзи, влијанието на ажурираните стандарди за финансиско известување и трендовите во дигиталната трансформација на компаниите.
Годишната конференција на Македонската берза претставува еден од најзначајните финансиски настани во државата, на кој присуствуваат важни личности од финансискиот сектор, меѓу кои банки, инвестициски и пензиски фондови, брокерски куќи, како и регулатори, академци, претставници на медиумите и други. Конференцијата има и меѓународен карактер, со говорници и учесници од странство, особено од пазарите на капитал во регионот на Југоисточна Европа.
Македонската берза повеќе од две децении организира годишни конференции, кои се настан со препознатлив имиџ, како од аспект на актуелноста на темите кои се предмет на дискусија, така и од аспект на компетентноста на учесниците на бројните панели, презентации и говори.