Годишна награда за млад истражувач на Народната банка: Краен рок за пријавување труд е 1 февруари

18

Крајниот рок за доставување на трудовите за Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2023 година е 1 февруари 2023 година. Сите заинтересирани млади истражувачи можат да поднесат свој труд, согласно условите и критериумите на јавниот повик објавен во јули минатата година.

Право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членови на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2021 година. Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е-адресата: konkurs@nbrm.mk. Доставените трудови и информации ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 100.000,00 денари. Но, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 50.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.

Народната банка постојано ја поттикнува научно-истражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на Народната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата.