Годишната инфлација во Германија највисока во последните 30 години

Стапката на инфлација се зголеми шести пат по ред и го достигна највисокото ниво оваа година во ноември, рече претседателот на статистичката служба „Дестатис“, Георг Тиел.

Годишната инфлација во Германија надмина пет отсто во ноември, што е највисока стапка во последните триесет години, а се должи пред сè на ниската споредбена база и повисоките цени на енергијата и храната, нагласуваат од германската статистичка служба „Дестатис“.

„Повисоката стапка на инфлација беше измерена пред речиси 30 години. Во јуни 1992 година, тоа беше 5,8 проценти. изјави претседателот на Дестатис, Георг Тиел.

Потрошувачките цени се зголемија за 5,2 отсто на годишно ниво во ноември, по растот од 4,5 отсто во октомври, соопшти германската статистичка служба, според првата процена од крајот на ноември.

На месечно ниво, потрошувачките цени паднаа за 0,2 отсто, по растот од 0,5 отсто во октомври, пред сѐ поради сезонскиот пад на цените на пакетите за 21,6 отсто. Енергенсите поскапеа за 1,8 отсто, а храната за 0,5 отсто во однос на претходниот месец.